Вести
Прес-конференција по мечот РК Алкалоид – РК Хановер-Бургдорф
Екипата на РК Алкалоид не успеа до резултат и на реваншот (28-29) со германскиот бундеслигаш ТСВ Хановер-Бургдорф и така го заврши својот настап во квалификациите за ЕХФ Европската Лига. Германците беа подобри резултатски и на двата натпревари, со што го обезбедија своето место во групната фаза од натпреварувањето.

Кристијан Прокоп (РК Хановер-Бургдорф):
„Одигравме два интензивни натпревари против тимот на Алкалоид. Нашата цел беше да победиме на двата меча и тоа го остваривме. Среќен сум поради тоа бидејќи имаме млад тим кому му се потребни вакви натпревари надвор од Бундеслигата за да стекне искуство. Со нетрпение ја очекуваме групната фаза на Европската лига.“

Јустус Фишер (РК Хановер-Бургдорф):
„Одигравме два тешки и интензивни дуели против екипа со одлични поединци. Мислам дека одбраната беше клучна, нашите голмани беа извонредни и одбранија многу удари. На крај ја остваривме нашата главна цел – две победи во два меча.“

Кирил Лазаров (РК Алкалоид):
„Честитки за Хановер, заслужено победија. Јас сум разочаран бидејќи на двата меча промашивме вкупно девет удари од шест метри. Со таква статистика невозможно е да се совлада екипа што игра во Бундеслигата. Знаевме дека Хановер е поквалитетен тим, но ова е премногу. А кога ќе се земе предвид дека станува збор за противник кој победува екипи како Магдебург или Фуксе Берлин, тогаш јасно е колку беше тешко со таква статистика.“

Игор Ѓоргиев (РК Алкалоид):
„Сакам да им честитам на Хановер за победата и да им посакам среќа во групната фаза на ЕХФ Европската лига. За жал, за нас европската авантура завршува тука и нашиот фокус ќе биде насочен кон домашните натпреварувања.“