Вести
Нови бодови за РК Алкалоид, победа над РК Еурофарм Пелистер 2
РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 37-25 (20-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегат: Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (7 одб), Галевски 1 (3 одб), Џонов 4, Тордарсон 2, Маркоски 2, Серафимов 8, Карасманакис, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 1, Ивановски 1, Костески 7, Петковски 4, Борзаш, Аларов, Иваноски 1, Ѓорговски 5
Седмерци: 6/6 Исклучувања: 6 мин.
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2: М. Фехми, Марковски 6, Лозановски, Гичев, Даневски, Велески, Митревски 7, Јовановски, Шулески, Младенов, А. Фехми, Димитровски, Белистојаноски 2, Дрогришки, Мафдух 4, Баптис 6
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид запиша нова суперлигашка победа и го задржа статусот на екипа без пораз во првенството. Вечерва во Автокоманда гостин беше екипата на РК Еурофарм Пелистер 2, тим што е кандидат за место во Плејоф разигрувањето.
РК Алкалоид имаше резултатска иницијатива од почетокот на натпреварот во кој во воведните десетина минути, откако од резултат 3-3 постигна три гола во серија за водство од 6-3, разликата се движеше меѓу два и три гола се до резултат 10-9 во 17 минута.
Потоа РК Алкалоид го засили ритамот, направи нова серија, овој пат од 5-0 во која Ненад Костески учествуваше со три гола и поведе со 15-9.
Доминацијата продолжи до крајот на полувремето, а на одмор се замина со резултат 20-11. Во оваа делница, Ненад Костески беше стрелец на седум, а Мартин Серафимов на пет погодоци.

По десет минути игра во второто полувреме и натаму беше девет гола разлика за РК Алкалоид (24-15), по што гостинскиот состав успеваше во следниот период да анулира два до три гола од таа разлика и во тие рамки, шест-седум гола предност за РК Алкалоид продолжи да се движи резултатот (28-21, 47 минута).
Во последните 10 минути од мечот се влезе со резултат 29-22, а потоа РК Алкалоид во следните пет минути стигна и до двоцифрена предност (33-23), а на крајот натпреварот заврши со убедлива победа од 12 гола разлика (37-25).

Следува еднонеделна пауза во шампионатот поради обврските на репрезентацијата, а потоа РК Алкалоид во 10 коло ќе игра на домашен терен против екипата на РК Струга.