Вести
Силен отпор на РК Алкалоид, но не освои бодови на дербито
РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 36-31 (17-17)
Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Митревски и Тодоровски од Битола. Делегати: Марјан Начевски и Ацо Николовски
РК Вардар 1961: Гогов, Валах, Стојановски 4, Воркапиќ 6, Георгиевски, Поповски, Љевар 5, Лазаревски 2, Анастасовски, Франциско Да Силва, 3 Абделхак 3, Малус, Ѓорчески, Јанковски 2, Фадуил 11
Седмерци: 8/8 Исклучувања: 4 мин.
РК Алкалоид: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Сухолежник 2, Костески 8, Карасманакис, Стојковиќ 1, М. Митев 7, Ѓорѓиев 2, Велковски 1, Цехте 1, Петковски, Д. Митев, Борзаш 5, Аларов, Борозан 2
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 12 мин.

Ракометарите на РК Алкалоид имаа петминутен пад во играта, кој се покажа како пресуден за конечниот исход и ги остави без можност да се борат за бодови на дерби натпреварот од десеттото коло од Суперлигата против РК Вардар 1961.
Натпреварот заврши со резултат 36-31, по што РК Алкалоид остана на 16 освоени бодови пред следниот првенствен дуел, кој исто така ќе биде дерби – против РК Еурофарм Пелистер и пред мечот од третото коло од ЕХФ Европскиот Куп против екипата на РК Горење Велење од Словенија.

РК Вардар го отвори натпреварот подобро и поведе со 3:0, но РК Алкалоид брзо се консолидираше и не дозволи противникот да се одлепи. По почетната негатива, постепено ја намалуваше разликата, а во 19. минута стигнаа до израмнување (12:12). До крајот на првиот дел се играше гол за гол, а на пауза се замина со нерешени 17:17.
РК Алкалоид одлично го отвори второто полувреме и со серија погодоци направи пресврт, поведувајќи со 22:21 во 38. минута. Следуваше израмнета игра, во која РК Алкалоид неколкупати го преземаше водството, а последен пат резултатот беше нерешен (26:26) во 44. минута.

Клучниот период од натпреварот се случи во следните пет минути. РК Алкалоид влезе во хаотичен период Вардар ја искористи својата серија добри напади и направи предност од 32:26, со што го принуди Алкалоид да брка негатива во завршницата. И покрај обидите да се врати во натпреварот, Алкалоид не успеа да ја надомести разликата и на крајот загуби со 31-36.
Никола Костески со осум гола и Марко Митев и со седум погодоци беа најефикасни во редовите на Алкалоид, додека Урош Борзаш постигна пет гола.