Вести
РК Алкалоид рутински до победа пред европскиот старт
РК АЛКАЛОИД – РК СТРУГА 33-22 (16-8)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Делегат: Ерик Белимов.
РК Алкалоид: Кизиќ, Галевски, Тордарсон 5, Сухолежник 1, Никола Костески 6, Стојковиќ 3, М. Митев 1, Ѓорѓиев 2, Велковски 2, Николов 4, Петковски 3, Д. Митев 5, Борзаш 1, Аларов, Ѓорѓовски.
Седмерци: 6/7. Исклучувања: 12 минути.
РК Струга: Тутенкоски, Пајкоски 1, Петров 1, Костовски 1, Рајатоски, Јукиќ 1, Родиќ 4, Шилегов 5, Танкоски 1, Георгиевски, Димоски, Крстаноски 2, Манасков 4, Костоски 1, Симоновски 1, Костадиновски.
Седмерци: 5/5. Исклучувања: 18 минути.

РК Алкалоид, три дена пред првиот европски натпревар во новата сезона, го одигра мечот од седмото коло во македонската Суперлига, во кој гостин во „Автокоманда“ беше екипата на Струга.
Избраниците на тренерот Кирил Лазаров не трошеа многу време на денешниот натпревар. За само шест минути, од осмата до 14. минута од првиот дел, ги отстранија сите дилеми, откако направија серија од 6-0 и од резултатот 3-3 поведоа со 9-3.

На полувремето беше 16-8, а по четири минути игра во второто полувреме разликата за првпат стана двоцифрена (19-9). Натпреварот продолжи во ист ритам и во следните десет минути, по што во 44. минута РК Алкалоид ја достигна најголемата предност од 14 гола (27-13). Оваа разлика се задржа речиси до крајот на мечот, односно до 57. минута. Потоа, со три гола по ред, гостинскиот состав го ублажи поразот.
Никола Костески со шест и Улфар Тордарсон со пет гола беа најефикасните ракометари во редовите на РК Алкалоид.
