Вести

Петта победа по ред за РК Алкалоид, совладан тимот на ГРК Тиквеш

-->

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 31-30 (18-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегат: Васил Зипески.
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Николовски, Тордарсон 3, Никола Костески 5, Стојковиќ 1, М. Митев 5, Ѓорѓиев, Велковски, Николов 3, Цехте 2, Ненад Костески 1, Петковски, Борзаш 4, Аларов 4, Ѓорговски, Борозан 3.
Седмерци: 2/3. Исклучувања: 4 мин.

ГРК ТИКВЕШ: Велков, Бакев, Јовевски 2, Цејовиќ, Цековски 3, Тодоров, Гавидија 4, Димовски 1, Димковски 3, Лазов 4, Ѓорѓиев, Симиќ, Ончев 4, Солeв, Бен Махфуд 7, Габара 2.
Седмерци: 2/2. Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид го совлада тимот на ГРК Тиквеш, ја запиша петтата првенствена победа и остана со максимален ефект во новата сезона во најсилната конкуренција на домашната сцена.
Натпреварот со кавадаречкиот тим, неочекувано, имаше драматична завршница во која, сепак, ракометарите на РК Алкалоид беа поприсебни и избегнаа непријатно изненадување.

Почетокот на натпреварот беше добар за ракометарите на РК Алкалоид. Поведоа со 3-1, потоа беше 6-3, но им дозволија на гостинските играчи да се вратат во игра и да израмнат на 7-7. Следеше брз одговор, само две минути подоцна одново беше плус три (10-7) и одново ритамот го диктираа ракометарите на тренерот Кирил Лазаров.
До крајот на првиот дел се играше гол за гол, а полувремето заврши со три гола предност за РК Алкалоид (18-15).

Почетокот на вториот дел одново беше добар за сино-белиот тим и следеше зголемување на предноста на плус пет гола во 32. минута (21-16). Пет минути подоцна, разликата беше иста, 25-20, а во 50. минута РК Алкалоид и натаму имаше комотна предност (28-24).

Во последните 10 минути, ракометарите на РК Алкалоид ја искомплицираа ситуацијата. Гостинскиот состав се обидуваше да се врати во игра, а преголемата комоција на ракометарите на РК Алкалоид му отиде во прилог и му овозможи да креира драматична завршница. Со серија од 3-0, која започна во 56. минута, гостинските ракометари стигнаа до израмнување (30-30) во 58. минута.
Тренерот Лазаров побара тајм-аут, потоа преку Костески Алкалоид повторно дојде до водство од 31-30 и потоа одигра добро во одбрана, не дозволувајќи му на противникот да постигне гол за ново израмнување.