Вести
РК Алкалоид со два бода се враќа од Црна Гора
РК ЛОВЌЕН – РК АЛКАЛОИД 29-40 (18-18)
Стрелци за РК Ловќен: Мрваљевиќ 7, Петричевиќ 6, Поповиќ 5, Станојевиќ 3, Андриќ 3, Вујовиќ 2, Анѓелиќ 1, Станковиќ 1, Мартиновиќ 1
Стрелци за РК Алкалоид: Џонов 8, М. Митев 6, Д. Митев 5, Костески 5, Борзаш 4, Ѓоргиев 4, Цехте 4, Стојковиќ 2, Петковски 1, Ѓорговски 1
РК Алкалоид ја запиша и втората победа во Регионалната лига, откако на првото гостување сезонава славеше против Ловќен во Црна Гора со убедливи 40-29.
Натпреварот донесе поинаква слика во однос на дуелот што истите екипи го одиграа пред три дена во Скопје. Играта не беше толку брза и со многу наттрчувања, а мотивираниот Ловќен успеа многу подолго да му парира на македонскиот тим.
РК Алкалоид добро го отвори мечот и поведе со 4-1, а во 15. минута имаше и највисоки пет гола предност (13-8). Сепак, домашниот тим не се предаде. РК Ловќен ја намали негативата на само еден гол (13-14), а во 28. минута стигна и до првото водство на натпреварот (18-17). Алкалоид брзо возврати, па на полувремето резултатот беше нерешен, 18-18.

РК Ловќен со гол го отвори и второто полувреме за водство од 19-18, но потоа следуваше целосна промена на сликата на теренот. Алкалоид со серија од 6-0 за седум минути направи пресврт и поведе со 24-19.

Домашниот тим во продолжението уште извесен период ја одржуваше разликата меѓу четири и шест гола, но Алкалоид во завршницата повторно го засили темпото, направи двоцифрена предност и на крајот стигна до убедлива победа од 40-29.
Иван Џонов со осум гола беше најефикасен во составот на Алкалоид, шест гола постигна Марко Митев, а по пет Дамјан Митев и Никола Костески.