Вести

НИКОЛА КОСТЕСКИ И МАРТИН ВЕЛКОВСКИ: Имаме одлични услови, добар тим и мора да сме подобри

-->

РК Алкалоид веќе десетина дена е во тренажен процес, од почетокот на неделава е на висински подготовки во Маврово каде што во одлични пред сѐ временски услови акумулира енергија и ја подобрува физичката подготвеност за претстојните искушенија што ќе ги донесе сезоната.

РК Алкалоид следната сезона покрај Суперлигата, Куп на Македонија и ЕХФ Европски Куп ќе биде дел и од новото регионално натпреварување и ќе има плус предизвици и за сите нив ќе мора да биде добро подготвен.
Следат и првите контролни натпревари, но во моментов фокусот е на физичката спремност, а добрата вест од клубот е што сите ракометари се здрави и од прв тренинг работат со полн интензитет.


Тоа е особено важно за играчите кои минатата сезона имаа пехови со повреди. Еден од нив е Никола Костески кој имаше пауза, но сега тоа е минато, а тој без никакви ограничувања работи на тренинзите.

„Најбитно е што се вратив по долга пауза, тоа беше сериозна повреда. Но, мило ми е што сега сум од почеток на подготовките здрав и спремен за тренинзи. Тоа е најбитното, сите да сме здрави и да сме комплетни.
Во текот на летниот период имавме програма, предподготвителен период за да можеме да стартуваме со ритамот во подготовките. Работиме во убава атмосфера. Во прв план сега ни е кондицискиот дел и подготовката на тактиката. Задоволни сме сите, имаме добар ростер…
Се знаеме добро со Борозан и Цехте, Сухолежник ни е нов, но добро се вклопува. Долго сме во овој проект и знаеме како функционира. Професионалци се сите, си ги знаат задачите.
Овде имаме добри услови, температурата е одлична за работа, тренерот ги постави целите за овој дел од подготовките и сите си ја работиме нашата работа“, изјави Никола Костески.




Мартин Велковски е еден од поискусните играчи во РК Алкалоид и веќе добро му е познат критериумот на тренерот и што од играчите ќе се бара во оваа фаза од подготовките.
Пред сѐ на сите сакам да им посакам добро здравје и добро да ги одработиме овие подготовки. Почнавме интензивно да тренираме уште во Скопје, сега се префрливме на Маврово. Имаме нови играчи што донесоа нова енергија. Атмосферата е добра. Оваа сезона мора да бидеме подобри од минатата. Дојдоа добри засилувања, покриени сме на сите позиции и сега треба само да работиме да не следи здравјето и заеднички да почнеме како што треба.
Овде имаме добри услови за работа, од секој аспект. Добро сместување, одлични временски услови, имаме сѐ што ни треба за квалитетно да се подготвиме“, изјави Мартин Велковски.