Вести

Стартуваа подготовките на РК Алкалоид

-->

Со денешната прозивка што се одржа во салата „Автокоманда“, официјално беше означен почетокот на подготовките за новата сезона на екипата на РК Алкалоид. На првиот собир, ракометарите ги поздрави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје и им посака пред сѐ здравје и успех во новата сезона.

Подготовките на РК Алкалоид ќе се одвиваат во три дела. Првиот дел е воведниот во тренажниот процес и ќе се реализира во Скопје. Потоа од трети август екипата ќе замине на подготовки во Маврово, по што во последната фаза, подготовките ќе бидат финализирани со контролни натпревари. Во новата сезона РК Алкалоид ќе се натпреварува во четири натпреварувања. Покрај домашното првенство и Куп на Македонија, ќе игра во во новоформираната Регионална лига со екипи од Србија и од Црна Гора, а меѓународна сцена ќе игра и во ЕХФ Европскиот Куп каде што беше победник во сезоната 2024/25.

Во екипата има неколку играчки промени. Од екипата што играше во минатата сезона заминаа ракометарите Мартин Ивановски, Никола Маркоски, Кристијан Симоноски и Мартин Серафимов. Нови имиња во РК Алаклоид се словенечките ракометари Матиц Сухолежник и Нејц Цехте и црногорскиот ас Вуко Борозан

Матиц Сухолежник е 31 годишен пивот висок 202 сантиметри и во РК Алкалоид доаѓа од екипата на РД Слован. Во својата кариера има настапувано и за екипите на РК Целје, Данкерк и Саран од Франција, Бенфика од Португалија и за хрватскиот првак РК Загреб.

Нејц Цехте (33) е десен бек кој минатата сезона ја заврши кај финалистот на Лигата на шампионите, екипата на Фуксе Берлин од Германија. Претходно има настапувано и за екипите на Кршко и Горење Велење, за германскиот Хановер, данската екипа ГОГ и за РК Еурофарм Пелистер.

Црногорскиот лев бек Вуко Борозан е добро познат ракометар кој има настапувано за повеќе екипи од во Европа, Блискиот исток и Македонија. Има 32 години, а висок е 203 сантиметри.