Вести
Тројца ракометари си заминуваат од РК Алкалоид
Крајот на сезоната е периодот во кој се актуелни и играчките промени, а РК Алкалоид следната сезона нема да смета на услугите на тројца ракометари кои досега настапуваа во првиот тим.

Никола Маркоски, Мартин Ивановски и Кристијан Симоноски денеска официјално се збогуваа од Алкалоид — од следната сезона тие нема да бидат дел од првиот тим во Автокоманда.
Пред натпреварот со РК Бутел Скопје, клубот им врачи благодарници и тие имаа емотивно збогување со домашната публика и со своите соиграчи.
Тројцата оставија трага и свое место во историјата на клубот, како дел од генерацијата што му ги донесе први трофеи во македонската Суперлига и првиот трофеј во ЕХФ Европскиот куп.
РК Алкалоид им се заблагодарува за досегашната соработка и им посакува многу успех во понатамошните кариери.



