Вести
РК Алкалоид е нов пионерски шампион на Македонија!
РК Алкалоид е нов пионерски шампион на Македонија, откако во финалето на завршниот Ф4-турнир во салата „Автокоманда“ славеше против ГРК Охрид со убедливи 28:20.

До шампионскиот трофеј тимот на РК Алкалоид беше предводен од Иван Великов, кој постигна осум гола во финалето, додека Петар Митев додаде уште шест погодоци. Претходно, во полуфиналето РК Алкалоид го елиминира РК Мулти Есенс (24:20), а ГРК Охрид беше подобар од РК Еурофарм Пелистер 2 (14:13).
Во „малото финале“, односно мечот за трето место, РК Мулти Есенс го совлада РК Еурофарм Пелистер 2 со резултат 26:22.

По завршувањето на турнирот, индивидуалните признанија исто така заминаа во редовите на РК Алкалоид. За најдобар голман беше избран Мартин Пандиловски, додека признанието за МВП на турнирот му припадна на Петар Митев. Во идеалниот „ол-стар“ тим од нашиот состав се најдоа Мартин Пандиловски како голман, Иван Великов на позицијата десен бек и Владимир Николовски како пивот.
Покрај нив, место во идеалната постава добија и Христијан Ангеловски, Горјан Петрушевски и Емануел Вумвулакис од РК Мулти Есенс.


