Вести

Убедлива победа на РК Алкалоид на првиот меч во 2026

-->

РК АЛКАЛОИД – РК ПРОЛЕТ 62 37-29 (17-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Андонов и Александар Вукашиновски. Делегат: Бобан Мајнов
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Тордарсон 2 1, Маркоски, Ѓоргиев 2, Велковски, Симоноски 2, Ивановски, 2 Не. Костески, Петковски 3, Д. Митев 10, Борзаш 2, Трајкоски 3, Аларов, Николов 6, Ѓорговски 3
Седмерци: 7/7 Исклучувања: 8 мин.
РК ПРОЛЕТ 62: Трајков, Симоновски, Крстески 2, Александров, Андоновски 3, Лешниковски 2, Јовиќ, Димковски 8, Стојановски 4, Стојчевиќ 1, Стоилески 6, Дрпљанин, Палевски 1, Ѓорчески 2, Солев, Давитковски
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид на својот прв официјален натпревар во 2026, запиша првенствена победа над РК Пролет 62 и го задржа победничкиот низ во пресрет на трите последни кола од првиот дел од сезоната.
РК Алкалоид на овој меч настапи без репрезентативците Марко Митев, Мартин Серафимов, Иван Џонов, Марко Стојковиќ и Ненад Костески. Тоа отвори шанса повеќе минути да добијат Давид Трајкоски, Александар Петковски, Дамјан Митев, а деби во сино-белиот дрес имаше и леворакиот бек Филип Николов кој во зимската пауза премина во редовите на РК Алкалоид.

Филип Николов својот гол првенец во редовите на РК Алкалоид го постигна во шестата минута и тоа беше погодок за прво водство на домашниот состав на натпреварот (4-3). Во 10 минута беше 6-6, а потоа во следните три минути со головите на Ѓоргиев, Борзаш и Дамјан Митев, РК Алкалоид прв пат на натпреварот направи поосетна разлика и поведе со 9-6.
Два до четири гола разлика беше резултатската дистанца до крајот на првото полувреме кое заврши со резултат 17-14.


На почетокот на второто полувреме, РК Алкалоид беше пофокусиран и предноста почна да се зголемува. Во 35 минута беше плус шест (21-15), пет минути подоцна новото највисоко водство беше плус осум гола (24-16). Во 44 минута, со шестиот гол на Филип Николов, РК Алкалоид прв пат на натпреварот имаше двоцифрена предност (28-18).
Највисокото водство на домашниот тим беше 34-23, по што следуваше серија од 4-0 на гостинскиот состав со која го ублажија поразот.
Во следното коло, РК Алкалоид ќе гостува во Битола кај екипата на РК Еурофарм Пелистер 2.