Вести

РК Алкалоид се враќа со бод од дербито во Битола

-->

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК АЛКАЛОИД 26-26 (17-13)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски (13 одб), Хеидарирад, Манасков 9, Видомски 3, Ристевски 1, Хакбарт, Тајник 2, Хенигман, Радивојевиќ 3, Кузмановски 5, Кајаџиески, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 2, Хосни 1, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 6/8 Исклучувања: 8 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов, Тордарсон 1, Маркоски, Никола Костески, Ненад Костески, Серафимов 4, Карасманакис 1, Стојковиќ 8, М. Митев 4, Ѓоргиев 6, Велковски 1, Д. Митев, Борзаш 1, Аларов
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид и РК Еурофарм Пелистер втор пат сезонава на меѓусебните дерби натпревари ги поделија бодовите.
Вечерва во Битола, во рамките на 14 коло од Суперлигата, РК Алкалоид покажа карактер и квалитет и во беспоштедна борба во која неизвесноста траеше до последната секунда одигра нерешено (26-26) и дома се враќа со голем бод.

Домашниот состав бодрен од полните трибини во салата „Боро Чурлевски“ успеа да поведе со 6-3 на почетокот на натпреварот, но РК Алкалоид имаше свои адути. Со добра трансформација од одбрана во напад, одбрана поддржана од Марко Кизиќ кој имаше одличен вовед и Игор Ѓоргиев кој без промашување постигна пет од следните седум гола на РК Алкалоид, веднаш беше воспоставена резултатска рамнотежа која траеше до 20 минута од натпреварот.
Потоа РК Алкалоид не искористи неколку шутеви во серија, што домашниот состав го претвори во резултатска предност од максимални пет гола (17-12), а на полувреме резултатот беше 17-13.

Ритамот од крајот на првото полувреме се преслика и во првите 10 минути од вториот дел, во кој ракометарите на РК Алкалоид одново имаа неколку неуспешни обиди да го совладаат домашниот голман и во 40 минута, противникот имаше максимална предност од 23-16.

Но, РК Алкалоид покажа карактер, не се распадна пред еуфоричниот амбиент и налетот на домашниот состав и почна да го менува односот на силите на теренот.
Голманот Иван Галевски имаше важна улога во минутите што следеа, а одлична партија одигра и пикерот Марко Стојковиќ кој на крајот беше и најдобриот стрелец во тимот.
Сепак, колективот беше пред сѐ, одбраната ги затвори приодите кон голот, одново се разигра нападот по 10 минути, во 40 минута со голот на Мартин Серафимов за 22-24, РК Алкалоид одново беше во игра за бодови.

Во драматичната завршница, во која нападите и на едната и на другата страна најчесто завршуваа со седмерец, клучна улога одиграа Мартин Серафимов и Иван Галевски. Серафимов непогрешливо реализираше, а Галевски успеа да одбрани два од трите пенали досудени во последните три минути од кој последниот беше одбранет при нерешен резултат на само четири секунди до крајот.