Вести

РК Алкалоид не успеа да се пласира во главната рунда на ЕХФ Европската Лига

-->

РК АЛКАЛОИД – ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ 28-29 (14-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Михаил Пирву и Раду Потирниче од Романија. Делегат: Михаил Башев од Бугарија
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (3 одб), Галевски (13 одб), Џонов, Тордарсон 7, Серафимов, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Ѓоргиев 2, Велковски, Симоноски, Ивановски, Костески 5, Петковски, Митев 2, Борзаш 8, Аларов 1
Седмерци: 1/5 Исклучувања: 4 мин.
ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ: Бирлем (17 одб), Гаде, Тисие 2, Поулсен 7, Орлов 1, Стенхаузер 5, Михалчик 3, Ахо 1, Штуцке 1, Солстад, Фишер 8, Фајзе, Вебер, Родригез
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 12 мин.

Германскиот ТСВ Хановер Бургдорф беше вкупен победник во двомечот, славеше со РК Алкалоид и во Скопје (28-29) и тие продолжуваат понатаму. Желни за докажување, ракометарите на РК Алкалоид одиграа борбен меч со динамика типична за Бундеслигата. Германците ја прифатија оваа игра и публиката имаше ретка шанса да ужива во брз ракомет со сите убавини и недостатоци што таквата игра ги носи.

Уште еднаш понесени од интервенциите на голманот Бирлем, ракометарите на ТСВ Хановер Бургдорф први ја преземаа иницијативата и поведоа со два гола разлика (4-2). Мечот добиваше ритам, но гостите одлично се снаоѓаа и имаа водство од 9-6, подоцна и од 12-6. Карактерот на ракометарите на РК Алкалоид беше на искушение и го положија испитот. Иван Галевски имаше одлично полувреме, рамнотежа беше воспоставена и конечно можевме во полн сјај да ги видиме момците во сино-бело кои во следните 15 минути анулираа предност од шест гола и на полувреме се замина со резултат 14-14.

Во второто полувреме РК Алкалоид прими три гола во серија, но бргу се врати во мечот со пет гола во мрежата на ривалот во низа, а во тој момент имаше позитива од 19-17. Резултатот оттогаш беше бркотница, двата тима константно беа близу, беше израмнето од 20-20, до 27-27, но нов промашен седмерец на Алкалоид, четврти на мечот, му дозволи на ривалот да си направи мала залиха во клучните минути во финишот, доволна за победа во Скопје.