Вести
РК Алкалоид сака да ја поправи сликата на реваншот со Хановер
Нашиот РК Алкалоид е во исчекување на реваншот против бундеслигашот РК Хановер-Бургдорф во рамки на квалификациите во Европската лига на ЕХФ. Првиот меч од битката за место во групната фаза заврши со победа бундеслигашот (37:27) и нашите играчи се пред мисија да се надополни тој минус, за место во групната фаза. Тренерот Кирил Лазаров го најави дуелот со германската екипа која во ланската сезона долго време беше лидер во најдобрата ракометна лига во светот.

„Ни следи реваншот во квалификациите за Европската лига со Хановер, за кого не треба да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а оваа година е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и неочекувани за мене десет гола разлика. Во сабота е убав ден, затоа што ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани со македонски тим, кој постои три години во Суперлигата и уште една во Првата лига и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се прилагодиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот, а на мечот достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет. Сакам еден комплетен натпревар, им кажав на играчите дека мора сите да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите. Бев малку разочаран, имав непроспиени ноќи, но такви работи се случуваат во спортот. Штета што македонската јавност не можеше да го види на дело тоа како ние одигравме во Германија и дека не заслуживме пораз од десет гола. Хановер влегува во бундеслигашкиот ритам, на секое зошто имаат затоа и за нас ова ќе биде големо искуство. Се надевам дека ќе имаме комплетен натпревар, а како тоа ќе биде, ќе видиме по 60 минути. Колку и ние да се надевавме, се работи за еден супер-квалитетен противник“, изјави Лазаров.

Во име на тимот на РК Алкалоид пред реваншот со Хановер говореше и капитенот Игор Ѓоргиев. Средниот бек истакна дека тимот не размислува да се предаде и вети максимална борба и ангажираност за секоја топка.
„По дуелот во Германија со екипата на Хановер, сега ни следи домашен дуел пред нашата публика. На првиот меч екипно имавме лош ден пред се во нашата реализација, за чисти ситуации и пенали, што против една таква екипа е недозволиво. Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниеден момент. Со помош на нашата публика ќе се бориме. Пред мечот го добиваме и пехарот во Европскиот куп, па затоа ја повикувам јавноста во сала, прво да се израдуваме на пехарот заедно, па потоа да бидат наш осми играч“, изјави Ѓорѓиев.

На прес-конференцијата говореше и кружниот напаѓач Валентин Карасманакис.
„Имавме екипно лош ден и технички грешки, сега ни следи реваншот. Се што ни останува е да дадеме 100 отсто од себе на терен и евентуално ако ни се даде шанса, да бидеме подобри од претходно и да го чекаме исходот. Ја повикувам публиката да ни даде поддршка“, изјави Карасманакис.

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Хановер-Бургдорф се игра во сабота со почеток од 19:30 часот во салата „Автокоманда“. На овој дуел ќе има и посебен момент за нашиот тим затоа што ќе го добие ланскиот освоен пехар во Европскиот Куп на ЕХФ кој го освои со победа над АЕК Атина во финалето
Судиската двојка на натпреварот доаѓа од Романија, тоа се Михаи Маријан Пирву и Раду Михаил Потирниче. Делегат на натпреварот е Михаил Башев од Бугарија. Победникот од овој двомеч ќе игра во Групата Г од Европската лига на ЕХФ каде чекаат екипите на Фредериција (Данска), Татран Прешов (Словачка) и Савехоф/Малме (Шведска).