Вести
Почнува новата европска сезона на РК Алкалоид

Новата, трета по ред европска сезона за РК Алкалоид почнува викендов со првиот дуел од двомечот за пласман во групната фаза на ЕХФ Европската лига. Противник на РК Алкалоид во овој двомеч е тимот со највисокиот рејтинг меѓу екипите што играат во квалификациската фаза – ТСВ Хановер Бургдорф или Die Recken (Воини), еден од најсилните германски клубови во последните неколку сезони.
Првиот натпревар ќе се игра на 31 август (недела, 17:00ч.) во Хановер, а реванш натпреварот е закажан на 6 септември во Скопје, во салата „Автокоманда“ со почеток од 19:30 часот.
ТСВ Хановер-Бургдорф е клуб кој датира од 1922 година под називот ФТ Бургдорф. Клубот мина низ неколку трансформации во својата историја, за конечно, по повеќе од 80 години подоцна, во 2005 година тогашниот ТСВ Бургдорф да стане ТСВ Хановер- Бургдорф и оттогаш своите натпревари ги игра во Хановер.
Првиот пласман во најсилното германско натпреварување го обезбеди во сезоната 2009/2010, а во вистински резултатски подем ужива во последниве четири-пет години. Во овој период се финансиски стабилни и составија екипа која игра важна улога во најсилната лига во светот.
Минатата сезона беше најдобрата за клубот во неговата историја, а за прв пат теоретски беа во игра и за шампионски пехар. По дваесетина кола беа на врвот на табелата, но не го издржаа докрај ритамот на Бундеслигата. Нивниот резултатски пад почна во последните десет натпревари во кои победија само двапати, еднаш ремизираа и запишаа повеќе порази отколку во текот на целата сезона. Но и покрај тоа завршија на шестото место со само три бода помалку од еден многу попознат тим – СГ Флензбург – Хандевит.
ТСВ Хановер Бургдорф резултатската преродба ја почна под водство на поранешниот селектор на Германија, Кристијан Прокоп, кој дојде во клубот во 2021 година. Го стабилизираше составот, доведе важни ракометари, според неговата визија клубот ја адаптираше својата развојна стратегија и веќе имаат забележителни резултати. Стилот на игра им е препознатлив, во одбрана играат подлабока 6-0 зона во која добро изолираат, се движат и антиципираат. ТСВ Хановер-Бургдорф е препознатлив во Бундеслигата и по брзината на транзицијата што не запира во текот на целиот натпревар, без оглед на резултатот.
ТСВ Хановер Бургдорф бундеслигашките дерби натпревари ги игра во „ЦАГ“ Арена во Хановер која за такви прилики редовно се полни со 11.000 гледачи. Натпреварот со РК Алкалоид ќе го игра во помалата, „Свис Лајф“ Арена која има капацитет од 4.500 гледачи.
ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ
Голмани: Симон Гаде (Данска), Жоел Бирлем (Германија)
Леви крила: Аугуст Педерсен (Норвешка), Ханес Феис (Германија)
Леви бекови: Максим Орлов (Германија), Лукас Штуцке (Германија)
Средни бекови: Мариан Михалчик (Германија), Јонатан Едвардсон (Шведска), Лиф Тисие (Германија), Синдре Ахо (Норвешка)
Десни бекови: Вилхелм Пулсен (Ф. Острови), Рејнарс Усчинс (Германија)
Десни крила: Мариус Стенхаузер (Германија), Даниел Вебер
Пивоти: Јустус Фишер (Германија), Томас Солстад (Норвешка), Луис Родригез (Германија)
Тренер: Кристијан Прокоп
Дојдоа: Лиф Тисие (Хамбург), Аугуст Педерсен (Флензбург), Максим Орлов (Потсдам), Синдре Ахо (Монпеље)
Заминаа: Тилен Стрмљан (ГРК Охрид), Мартин Хане (Гепинген), Владислав Кулеш (Мелзунген), Адам Нујфал (Лемго), Корај Ајар (Бешикташ), Винсен Бахнер (Ајзенах), Максимилијан Гербл (крај на кариера)