Вести
Ѓорѓиев: Менталитетот на РК Алкалоид е секогаш да победува
Игор Ѓорѓиев и во новата сезона ќе биде капитен на нашиот РК Алкалоид. На стартот на подготовките, средниот бек ги изнесе своите очекувања за натпреварите кои следат и најави максимална борба и ангажираност на секој дуел кој ни следи.
За стартот на подготовките…
„Не очекува подготвителен период, во кој првата недела ќе сме во Скопје, а потоа ќе заминеме во Маврово. Ќе гледаме да се спремиме најдобро на физички план, исто така и психички да се држиме како тим и да изградиме една хемија. Целиме од старт добро да ги вклопиме новите играчи во нашиот систем. Ние како тим имаме свои предизвици и цели, прво сакаме подготовките да ги минеме во најдобар ред и сите да сме здрави. А, потоа, се знае, на секој меч одиме на победа.
За настапот во Европската лига на ЕХФ…
„По освоениот трофеј во Европскиот куп ни следи нов предизвик, тоа е настап во квалификцаиите на Европската лига на ЕХФ каде имавме незгодна ждрепка и за ривал добивме тим од Бундеслигата. Но, нашиот менталитет во Алкалоид е секогаш да одиме на победа. Ние ќе го дадеме нашето најдобро, па се надеваме на најдобар епилог.“
За првенството на Македонија…
„Во првенството на Македонија ќе биде исто така интересно, лигата е засилена и изедначена. Има четири тима кои се издвојуваат на врвот, ние сме еден од нив, но и другите нема да ги потценуваме. Наше е да се бориме на секој меч, да бидеме максимално фокусирани и ангажирани и да ги следиме и слушаме советите на нашиот тренер, со цел да дојдеме до што е можно подобри резултати“
