Вести

РК Алкалоид ги почна подготовките за новата сезона

-->

Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп, РК Алкалоид, денеска го имаше првиот собир во пресрет на новата сезона, а на ракометарите и членовите на стручниот тим на им се обрати Генералниот директор / Претседател на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, г-дин Живко Мукаетов и им посака среќа и успех во претстојната сезона.

Тренерот Кирил Лазаров во новата сезона ќе има на располагање 23 ракометари. На денешниот прв собир беа присутни сите ракометари. Присуствуваа и Марко Митев и Никола Костески кои сѐ уште се во фаза на рехабилитација и ќе тренираат со посебен режим, а се очекува на тимот да му се приклучат во текот на есенската полусезона.
Подготовките на Алкалоид ќе се одвиваат во три етапи. Првата фаза ќе се одработи во Скопје. Следниот понеделник екипата ќе оди на десетдневни подготовки во Маврово каде што ќе ја одработи втората фаза, а потоа следува мини турнеја во Србија и Хрватска во која се планирани осум контролни натпревари со екипи од Србија, Хрватска и Словенија.

Натпреварувачката сезона за РК Алкалоид официјално ќе почне на 31 август со гостински дуел кај бундеслигашот ТСВ Хановер Бургдорф, а првиот европски меч на домашен терен ќе го одигра седум дена подоцна во Скопје.